Сериозен инцидент во Северна Кореја: Ким Џонг Ун сведок на неуспешно лансирање на воен брод – го нарече „криминално дело“
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун бил директен сведок на сериозен инцидент што се случил за време на свеченото лансирање на најновиот воен брод на земјата, при што разурнувач тежок 5.000 тони бил тешко оштетен. Информацијата ја пренесува државната новинска агенција KCNA – нешто што е реткост во земјата каде вакви неуспеси ретко се признаваат јавно.
Според објавата на KCNA, до несреќата дошло поради дефект во механизамот за лансирање, кој предизвикал прерано лизгање на задниот дел на бродот во водата. Како резултат, делови од трупот се скршиле, додека носот на бродот останал заглавен на рампата за поринување.
Ким Џонг Ун остро реагирал, нарекувајќи го инцидентот „криминално дело“ и обвинил неколку државни институции за сериозна небрежност, вклучително и Министерството за индустрија на вооружување, Технолошкиот универзитет „Ким Чек“ и Централното биро за дизајн на бродови.
Инцидентот се случил во бродоградилиштето Чонгџин, а според анализите на јужнокорејската војска, бродот моментално лежи накривен на една страна. Портпаролот на Здружениот генералштаб, Ли Сунг-џун, истакна дека ситуацијата е сериозна, додека поморски аналитичари предупредуваат дека штетата би можела да биде катастрофална.
Удар за модернизацијата на морнарицата
Овој инцидент претставува сериозен удар за амбициозниот план на Северна Кореја за модернизација на својата морнарица. Само неколку месеци претходно, во април, Ким го претстави разурнувачот „Чое Хјон“ – првиот новоизграден воен брод во последните децении, кој беше промовиран како симбол на новата генерација на поморско вооружување.
Севернокорејските медиуми тврдеа дека „Чое Хјон“ ќе ја зајакне борбената подготвеност на морнарицата во услови на, како што велат, сè поголеми закани од страна на САД и Јужна Кореја. Западните аналитичари, пак, забележуваат дека овие бродови навистина претставуваат отстапување од застарената советска технологија, но остануваат прашањата околу нивната реална функционалност.
Ким најави дека оштетениот брод ќе биде целосно обновен пред пленарната седница на Работничката партија, закажана за крајот на јуни, потенцирајќи дека тоа е „прашање на национална чест“. Сепак, експертите се скептични – со оглед на обемот на штетата и ограничената инфраструктура, сметаат дека овој рок е речиси невозможно да се исполни.