Трамп ја ескалира трговската војна: најави 50% царина за увоз од Европската Унија
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека од 1 јуни 2025 година САД ќе воведат царини од 50 отсто за сите стоки што се увезуваат од Европската Унија, што претставува значителна ескалација на трговските тензии меѓу Вашингтон и Брисел.
„Нашите разговори со Европската Унија не водат никаде“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут Социјал“, образложувајќи ја својата одлука со, како што рече, долгогодишни нефер трговски практики од страна на ЕУ.
Првично, Трамп предложи царинска стапка од 20 проценти, која подоцна ја намали на 10 отсто со цел да се овозможи простор за дополнителни преговори. Но, откако разговорите не дадоа резултат, тој реши да воведе највисока стапка од 50 отсто.
Покрај тоа, Трамп се закани дека ќе воведе дополнителна царина од 25 отсто за производи на компанијата „Епл“, конкретно за „ајфони“ што не се произведени на територија на САД.
По враќањето во Белата куќа, Трамп повторно го активира својот протекционистички пристап во трговската политика, користејќи царини како инструмент за заштита на домашната индустрија и зајакнување на американското производство.
„Европската Унија е исклучително тешка за постигнување фер договор. Затоа, воведуваме рамномерна и одлучна царина од 50 отсто“, рече Трамп, нагласувајќи дека ваквиот потег е неопходен за да се коригира, како што тој го нарекува, „огромниот трговски дисбаланс“.