Светската јавност е потресена по смртоносниот пожар што избувна во дом за стари лица во градот Манадо, во провинцијата Северен Сулавеси, во Индонезија. Трагедијата се случила доцна навечер, во момент кога станарите од објектот одмарале, што дополнително ја отежнало нивната евакуација.
Според официјалните информации од локалната полиција, најмалку 16 лица го загубиле животот. Петнаесетмина починале како директна последица од пожарот, додека телото на уште една жртва било пронајдено во просторија која не била зафатена од пламенот, што отвори дополнителни прашања за текот на настаните. Домот бил приземен, но огнот брзо се проширил, оставајќи малку време за реакција.
Гаснењето и спасувачката акција траеле повеќе од два часа. Покрај пожарникарските екипи, во извлекувањето на преживеаните активно се вклучиле и жителите од околните куќи, кои помогнале да се спасат дел од корисниците на домот. Вкупно 15 лица се извлечени живи и веднаш биле префрлени во две болници во Манадо, каде што им се укажува лекарска помош.
Иако првичните сомнежи укажувале на можен дефект во електричната инсталација, надлежните институции соопштија дека истрагата сè уште е во тек. Причините за пожарот допрва ќе се утврдуваат, а јавноста очекува одговори како дошло до една од најтешките трагедии во овој регион во последните години.
















