Данска станува првата европска земја која официјално ќе ја подигне старосната граница за пензионирање на 70 години. Според најавите, оваа промена ќе стапи во сила во 2040 година, а зад неа стои потребата да се одговори на демографските предизвици и зголемувањето на животниот век кај населението.
Одлуката предизвикува големи реакции – дел од јавноста смета дека мерката е неопходна за да се одржи пензискиот систем стабилен, но има и бројни критики дека луѓето ќе бидат приморани да работат речиси до крајот на животот. Според статистиките, просечниот животен век во Данска надминува 82 години, што значи дека граѓаните, и покрај оваа реформа, би можеле да уживаат во пензија околу една деценија.
Експертите предупредуваат дека Данска е само првиот чекор и дека многу европски држави ќе бидат принудени да ја следат истата насока. Со стареењето на населението и намалувањето на бројот на работоспособни граѓани, пензиските фондови се наоѓаат пред сериозен притисок.
Властите во Копенхаген велат дека со оваа мерка сакаат да го заштитат буџетот и да ја обезбедат долгорочната одржливост на пензискиот систем. Иако на прв поглед изгледа непопуларна, данската влада тврди дека ова е единственото решение за иднината.
Останува прашањето – дали Данска ќе биде изолиран пример или ваквиот тренд наскоро ќе стане нова европска реалност?