НАТО размислува за нов безбедносен механизам со кој би ѝ се гарантирала заштита на Украина, слично на принципот од Член 5 од Северноатлантскиот договор. Ова го изјави генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, нагласувајќи дека членството на Украина засега не е тема на преговори, но дека прашањето за гаранции станува сè пореално.
„САД и уште неколку држави се против приемот на Украина во НАТО во овој момент. Сепак, официјалниот став на Алијансата останува јасен – Украина има неповратен пат кон членство“, изјави Руте за „Фокс њуз“, пренесува Ројтерс.
Членот 5 е еден од најсилните столбови на НАТО и предвидува дека напад врз една членка се смета за напад врз сите 32 земји. Токму вакви гаранции може да бидат понудени на Украина како алтернатива, со оглед на тоа што Москва категорично го одбива нејзиното членство.
Руте потсети дека во украинскиот устав јасно е запишано дека членството во НАТО е стратешка цел на земјата, но моментално не се дискутира за директно воено распоредување на силите на терен.
Овие изјави доаѓаат веднаш по средбата во Белата куќа меѓу американскиот претседател Доналд Трамп, украинскиот лидер Володимир Зеленски и европските челници. На состанокот се разгледуваа можни безбедносни гаранции за Киев, а Трамп разговорите ги оцени како „многу добри“. Тој најави и подготовка на средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и Зеленски, што може да биде клучен дипломатски исчекор во решавањето на конфликтот.
Ситуацијата околу Украина влегува во нова фаза, во која НАТО се обидува да најде баланс меѓу поддршката за Киев и избегнувањето на директна ескалација со Русија.