Американскиот претседател Доналд Трамп упати нови остри пораки кон Иран, велејќи дека Техеран има „последна шанса“ да постигне договор со Соединетите Американски Држави.
Во изјава пред новинарите, Трамп рече дека се надева оти сè уште постои можност за договор, но предупреди дека времето истекува.
„Мислам дека можеби ќе можеме да постигнеме нешто, но сакам да им дадам уште една последна шанса“, изјави Трамп, притоа повторувајќи ги своите предупредувања за можни воени последици доколку не се постигне договор.
Американскиот претседател тврди дека разговорите меѓу двете страни се водат по иницијатива на Иран, како и со посредство на Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Катар.
„Ова е нивната последна шанса да потпишат добар договор“, порача Трамп.
Од иранска страна, пак, категорично негираат дека во моментов се водат директни преговори со САД. Претходно во текот на денот, Трамп ги обвини иранските власти за, како што рече, лицемерие поради демантите околу евентуалните разговори.
Новите изјави дополнително ги засилија тензиите меѓу Вашингтон и Техеран, во период кога меѓународната заедница внимателно ја следи ситуацијата и предупредува на ризик од натамошна ескалација на односите.







