Украинските власти предупредуваат дека не може да се исклучи можноста рускиот претседател Владимир Путин да прогласи општа мобилизација, поради сè поголемите загуби на фронтот и недостигот од нови регрути во руската армија.
Бригадниот генерал Павло Палиса во изјава за украинскиот „24 Канал“ посочил дека такво сценарио е целосно можно, особено по изборите за Државната дума во Русија, кои треба да се одржат во септември.
„Не ја исклучуваме таа можност и ќе реагираме соодветно“, изјавил Палиса, додавајќи дека Киев веќе анализира потенцијални одговори доколку Москва ги засили мобилизациските активности.
Според украински извори, Русија во последниот период сè повеќе се потпира на таканаречена „прикриена мобилизација“. Се тврди дека Кремљ има потешкотии да го одржи потребниот број војници само преку доброволно регрутирање.
Украинската разузнавачка служба наведува дека регионалните и локалните власти низ Русија добиле насоки да подготват списоци со доброволци за испраќање на фронтот во Украина, во обид да се исполнат зголемените квоти за регрутација.








