Европската Унија воведе нови правила за патување со домашни миленици, со кои значително се зголемуваат барањата за сопствениците кои сакаат да ги пренесуваат своите животни преку граница.
Според новите одредби кои стапуваат во примена од 22 април 2026 година, секое домашно милениче кое патува во земјите на ЕУ мора да има задолжителен микрочип, како основен начин на идентификација. Оваа мерка има цел да ја зголеми безбедноста и да спречи злоупотреби и ширење на заразни болести меѓу животните.
Дополнително, задолжителен услов останува и вакцинацијата против беснило, која мора да биде примена најмалку 21 ден пред патувањето. Овој податок мора јасно да биде внесен во пасошот на миленикот, а без него животното нема да може да ја премине границата.
Секое милениче што патува во ЕУ мора да поседува европски пасош за домашни животни, издаден од овластен ветеринар. Во него се содржани сите клучни информации, вклучувајќи број на микрочип, податоци за вакцинации и евентуални здравствени третмани. Сите податоци мора целосно да се совпаѓаат, бидејќи секое несовпаѓање може да доведе до задржување на животното на граница или до дополнителни проверки.
Во одредени случаи, зависно од земјата во која се патува, може да се бараат и дополнителни здравствени мерки. Така, држави како Ирска, Малта и Финска воведуваат и задолжителен антипаразитски третман за кучиња, со цел заштита од одредени паразити.
Правилата најмногу се однесуваат на кучиња, мачки и творови, но опфаќаат и одредени видови домашни птици, за кои важат дополнителни ограничувања и контроли. Целта на новите мерки, според европските институции, не е комплицирање на патувањето, туку подобро усогласување на системот меѓу земјите членки и зголемена здравствена контрола.
Експертите препорачуваат сопствениците на миленици навреме да ги проверат сите документи и услови пред патување, за да избегнат можни проблеми на границите и одложувања во патувањето.






