Трагичен инцидент се случил во шумска област кај Обреновац, каде судир меѓу две групи мигранти завршил со еден загинат и еден тешко повреден маж, пренесуваат регионалните медиуми.
Според информациите, по синоќешната акција „Вихор 3“, полицијата и понатаму спроведува засилени проверки на теренот, додека инспектори и специјални единици трагаат по вооружениот напаѓач кој засега е во бегство.
При пребарување на шумата, полицијата пронашла тело на маж со прострелна рана во грбот, кое било завиткано во ќебе. На истата локација бил затекнат и друг мигрант со прострелна рана во ногата, кој бил во критична состојба.
Повредениот бил итно пренесен во болница, каде лекарите се борат за неговиот живот. Од истрагата посочуваат дека неговата состојба е толку тешка што засега не може да даде корисни информации за настанот или за напаѓачите, што дополнително ја отежнува истрагата.
Случајот го презеде Вишото јавно обвинителство во Белград, кое го третира како тешко убиство и обид за убиство. Полицијата продолжува со активности на поширокото подрачје околу Обреновац, а безбедносните мерки се засилени поради можноста напаѓачот да се движи во близина на населените места.








