Апелациониот суд во Белград во јануари 2023 година правосилно ја осуди Јелена Шпаговиќ на казна затвор од 30 години, поради бруталното убиство од користољубие на пензионерката Мајда Гаровиќ (80) во јуни 2019 година.
Апелациониот суд ја потврди првостепената пресуда на Вишиот суд во Белград со која Шпаговиќ е осудена за кривично дело тешко убиство. Таа се наоѓа во притвор од јули 2019 година.
Мотивот и делото
Шпаговиќ ја убила Мајда Гаровиќ, девизна пензионерка и нејзина поранешна сосетка од Земун. Мотивот за ова свирепо дело бил долг од 2.500 евра кои Јелена ги позајмила од Гаровиќ, но не и ги вратила.
По злосторството, девојката од телото на старицата извадила златен ланец и го продала во заложна продавница. Куферот со исеченото тело на старицата го ставила во изнајмен автомобил „пежо 508“ и се одвезла во викенд-населбата Крчедин, покрај Дунав, каде што ги запалила деловите од нејзиното тело. Сепак, траги од крв останале на тапацирот на возилото.
Јелена Шпаговиќ, инаку, е ќерка на Саша Дујовиќ, поранешен пратеник и функционер на „Српска десница“. Дујовиќ почина во 2021 година.
Дали во злосторството ѝ помогнал братот?
Злосторството беше откриено на 20 јуни 2019 година, кога во контејнер во викенд-населбата Крчедин беше пронајден јагленисаниот труп на старицата.
Исчезнувањето на Мајда било пријавено на 16 јуни, а трагите воделе до Јелена. Шпаговиќ се товареше дека по расправија и тепачка ја убила Мајда, а потоа нејзиното тело го исекла и три дена го чувала во изнајмен стан во Земун.
Потоа го спакувала телото во голем куфер и го повикала својот брат на помош. Му рекла дека од станот треба да изнесат стара фотелја со траги од крв, но не му открила што навистина се случило.








