Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека рускиот лидер Владимир Путин подготвува тајна мобилизација од големи размери за да го зголеми бројот на војници без формално да ја прогласи. Според него, Путин бара начини да ја измами јавноста преку тајни договори и затворање на границите бидејќи сè уште нема остварено победа во Украина која би можел да ја претстави пред рускиот народ.
Зеленски истакна дека фокусот на Москва останува на освојувањето на целиот Донбас, но нагласи дека Украина нема доброволно да се повлече од овие територии. Тој додаде дека Путин се обидува да ги искористи разговорите со американската страна за територијалниот статус на Донбас и да ги прикаже како сопствена победа.
Според украинскиот претседател, Русија планира да распореди меѓу 30.000 и 50.000 севернокорејски војници на своја територија, со што Пјонгјанг ќе добие практично борбено искуство, воени алатки и лиценци. Зеленски додаде дека руските сили веќе користат севернокорејска муниција и балистички ракети во нападите врз Украина, поради што Киев води преговори со Сеул за зајакнување на одбранбената соработка и набавка на системи за воздушна одбрана.









