Нова серија експлозии ја вознемири областа на Франкфурт и Офенбах, откако во текот на ноќта биле активирани две експлозивни направи пред угостителски објекти во Франкфурт. Во инцидентите нема повредени лица, но предизвикана е значителна материјална штета.
Според информациите од полицијата, експлозиите се случиле околу 4:20 часот наутро. Едната експлозивна направа била активирана пред кафулето „Рио“ во населбата Норденд, на улицата „Бергер штрасе“, додека втората експлодирала пред наргиле-барот „Трут“, на улицата „Цајл“.
Од силината на детонациите биле оштетени објектите пред кои биле поставени направите, а скршени биле и повеќе прозорци. Експлозијата кај кафулето „Рио“ предизвикала штета и на друг близок угостителски објект, соседната филијала на „Шпаркасе“, како и на најмалку едно паркирано возило.
Силната детонација ги разбудила жителите во околните згради, но засега нема информации дека некој бил повреден.
И кај наргиле-барот „Трут“ направата била активирана пред самиот влез. На местото се забележани сериозни оштетувања на влезниот дел од објектот, додека полициските екипи извршуваат увид и работат на утврдување на сите околности поврзани со нападот.
Овие два инцидента се последните во низата слични случаи што во изминатите денови го потресоа регионот Рајна-Мајна.
Во понеделникот експлозија одекнала во близина на станбена зграда во франкфуртската населба Бокенхајм.
Само ден претходно, во неделата рано наутро, експлозии биле регистрирани во франкфуртската населба Заксенхаузен и во Офенбах. Во тие случаи биле оштетени бар, кафуле и киоск.
Во врска со нападот во Заксенхаузен, полицијата уапсила 15-годишно момче, на кое му бил определен притвор.
Германските власти дел од овие инциденти во регионот ги поврзуваат со организираниот криминал и со феноменот познат како „насилство како услуга“. Станува збор за појава при која тинејџери и млади полнолетни лица се регрутираат со цел да извршуваат напади за други лица.
Истрагите за серијата експлозии продолжуваат, а полицијата ги проверува можните врски меѓу одделните случаи.
Во март годинава бил уапсен и 20-годишен Холанѓанец, за кого постои сомнение дека бил вмешан во неколку претходни експлозии во регионот.







