Цените на нафтата утрово нагло пораснаа, предизвикувајќи нова загриженост на светските пазари, откако блокадата на Ормутскиот теснец продолжи да создава неизвесност околу снабдувањето со енергенси од Блискиот Исток.
Станува збор за еден од најважните светски поморски премини за транспорт на нафта, а секое нарушување во тој регион веднаш влијае врз глобалните берзи и цените на енергенсите.
На лондонскиот пазар, цената на барелот Брент забележа раст од 4,34 проценти и достигна 105,70 долари. Истовремено, на американскиот пазар цената на нафтата скокна за 4,82 проценти, па еден барел се продава за 100,05 долари.
Покрај растот на цените на нафтата, се забележува и ново зајакнување на американскиот долар. По две недели слабеење, американската валута повторно добива на вредност бидејќи инвеститорите ја сметаат за побезбедна опција во периоди на глобална нестабилност и економска неизвесност.
Индексот на доларот, кој ја следи неговата вредност во однос на шесте најважни светски валути, утрово се искачи на околу 98,10 поени. За споредба, во петокот вечерта индексот изнесуваше 97,84 поени.
Доларот зајакна и во однос на јапонскиот јен, па курсот порасна од 156,65 на 157,15 јени.
Во исто време, американската валута бележи раст и во однос на еврото. Цената на европската валута се намали на 1,1755 долари, додека претходно изнесуваше 1,1785 долари.
Аналитичарите предупредуваат дека доколку продолжи нестабилноста околу Ормутскиот теснец, можно е дополнително зголемување на цените на нафтата и нови турбуленции на светските финансиски пазари.








