Цените на нафтата утрово повторно забележаа значителен раст, откако новата ескалација на тензиите меѓу САД и Иран предизвика дополнителна неизвесност на светските пазари.
Според информациите што ги пренесува Ројтерс, цените пораснаа за повеќе од три проценти откако САД извршиле нови напади врз Иран, насочени кон воена локација во Бандар Абас – стратешки важен пристанишен град. По нападите, Иранската револуционерна гарда возвратила со напад врз американска воздухопловна база.
Фјучерсите на суровата нафта „брент“ пораснале за 3,51 долари или 3,72 проценти, достигнувајќи цена од 97,8 долари за барел.
Во исто време, американската сурова нафта „Западен Тексас Интермедијар“ (ВТИ) забележала раст од 3,31 долари, односно 3,73 проценти, со што достигнала цена од 91,99 долари за барел.
Овој пресврт доаѓа само неколку дена откако двата главни референтни индекси паднаа за повеќе од пет проценти и го достигнаа најниското ниво во последниот месец. Причината за тогашниот пад беа очекувањата дека САД и Иран би можеле да постигнат договор за намалување на тензиите и повторно отворање на Ормускиот Теснец.
Дополнителен фактор што влијаеше врз растот на цените се и најновите податоци од САД, според кои залихите на сурова нафта минатата недела се намалиле за 2,8 милиони барели.
„Снабдувањето со нафта останува ограничено, а клучните проблеми сè уште не се решени“, посочуваат аналитичарите, предупредувајќи дека нестабилноста на пазарите може да продолжи.
Од почетокот на конфликтот, глобалните цени на енергенсите доживуваат силни осцилации. Во еден момент суровата нафта „брент“ накратко достигна ниво од околу 120 долари за барел, додека пред избувнувањето на конфликтот се движеше околу 70 долари.
Иако оваа недела цените накратко паднаа поради надежите за можно повторно отворање на Ормускиот Теснец, најновите случувања повторно ја вратија неизвесноста на светските енергетски пазари.









