ПРВ.мк
Свет

НЕВРЕМЕ КАКО ОД ФИЛМ: Град со големина на тениски топчиња го погоди регионот по рекордните горештини!

НЕВРЕМЕ КАКО ОД ФИЛМ: Град со големина на тениски топчиња го погоди регионот по рекордните горештини!

По периодот на екстремни температури, делови од Германија беа погодени од силно невреме кое донесе обилни врнежи, моќни ветрови, грмотевици и град со невообичаено големи димензии.

Германската метеоролошка служба (DWD) издаде предупредување за опасни временски услови во централните и јужните делови на земјата, каде што се очекуваат интензивни бури проследени со силен дожд, налети на ветер и крупен град.

Според прогнозите, во краток временски период на одредени места можат да наврнат меѓу 25 и 40 литри дожд на квадратен метар, а локално се можни и уште пообилни врнежи.

Метеоролозите предупредуваат и на силни ветрови со брзина од 70 до 90 километри на час, како и појава на град со дијаметар до три сантиметри.

Град уништувал сè пред себе, улиците покриени со мраз

Најсилниот удар од невремето веќе го почувствува северниот дел на Германија. Во округот Лудвигслуст-Пархим, во сојузната покраина Мекленбург-Западна Померанија, паднал град со големина на тениско топче.

Количината на мраз била толку голема што на одредени места морало да се користи градежна механизација за негово отстранување.

Локалниот центар за итни ситуации соопштил дека за само еден час биле примени околу 168 повици од граѓани кои пријавувале последици од невремето.

Екипите на пожарната интервенирале поради поплавени подруми, паднати дрвја и други проблеми предизвикани од силната бура.

Засега нема информации за повредени лица, но точната материјална штета сè уште не е проценета.

Поплави, заглавено полициско возило и пожар по удар од гром

Во градот Елмсхорн, во покраината Шлезвиг-Холштајн, невремето предизвикало дополнителни проблеми за службите.

Полициско возило останало заглавено на поплавен пат додека екипите биле на интервенција, откако нивното движење било запрено поради високото ниво на вода. За среќа, во инцидентот немало повредени.

Во истиот град, удар од гром предизвикал пожар на покривот на семејна куќа. Кога пожарникарите пристигнале на местото, затекнале пламен и густ чад.

Интервенцијата била отежната поради силниот дожд и опасноста од нови удари од гром. Иако во прв момент постоела информација дека можно е некое лице да останало заробено во објектот, подоцна било потврдено дека куќата била празна.

Надлежните служби продолжуваат со следење на состојбата, бидејќи метеоролозите предупредуваат дека нестабилното време може да продолжи и во следниот период.