Белгиската полиција и царинските служби во пристаништето во Антверпен откриле и заплениле течен кокаин кој бил сокриен во шишиња наменети да изгледаат како амбалажа за течен сапун, соопшти белгиското Јавно обвинителство.
Сомнителниот контејнер го привлекол вниманието на судската полиција во Антверпен, по што, по нејзина наредба, бил издвоен од останатите пратки и подложен на детална проверка.
Контејнерот пристигнал во пристаништето кон крајот на август, со брод кој доаѓал од Колумбија. Според планираната рута, по пристигнувањето во Белгија, товарот требало да биде натоварен на камион и транспортиран до Хрватска.
При проверката, службениците започнале да ги отвораат различните помали шишиња кои според документацијата и изгледот содржеле течен сапун. Наместо вообичаениот мирис на производот, при отворањето веднаш била почувствувана многу силна хемиска миризба, што дополнително ги зголемило сомнежите.
Првичните анализи извршени од надлежните служби покажале дека содржината во шишињата не била течен сапун, туку кокаин во течна форма.
Пратката била обемна и се состоела од вкупно 450 кутии, при што секоја кутија содржела по 12 килограми производ.
Од Јавното обвинителство на Белгија соопштија дека истрагата продолжува, а една од главните задачи на истражителите е да утврдат точно колкаво количество кокаин било сокриено во шишињата.
Надлежните служби сега треба да ги утврдат и сите околности поврзани со пратката, нејзиното потекло и крајната дестинација, додека истрагата за случајот продолжува.








