Години наназад под „Света Софија“ во Истанбул кружат различни приказни за постоењето на подземни премини, а сега турските власти потврдија дека под историскиот објект навистина се наоѓа обемен систем на тунели, чија документирана должина изнесува околу девет километри.
Информацијата ја соопштил турскиот министер за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој, кој открил дека досега се документирани делови од подземниот систем, а веќе започнале активности за нивно чистење и реставрација.
Според информациите што ги пренесува Orthodox Times, на одредени места пристапот до тунелите во моментов е невозможен поради уривања, па надлежните прво треба да ги расчистат и обезбедат достапните делови.
По завршувањето на предвидените работи, ќе се направи проценка на состојбата на подземните премини и ќе се утврди кои делови се доволно безбедни и соодветни за евентуално отворање за посетители.
Ерсој за овие подземни структури говорел и во февруари годинава, кога информирал дека се документирани тунели за кои се претпоставува дека потекнуваат од период пред околу 1.600 години.
Откритието дополнително го привлекува вниманието кон долгата и сложена историја на „Света Софија“, објект кој низ вековите имал различни функции и претрпел бројни архитектонски и историски промени.
Во меѓувреме, на самиот објект продолжуваат големи реставраторски, конзерваторски и конструктивни работи. Според Ерсој, станува збор за најсеопфатната интервенција на „Света Софија“ во историјата на Турската Република, а целта е објектот да биде заштитен и зачуван за идните генерации.
Дел од работите веќе се завршени. Реставрирани се гробниците, Детското училиште, Саат-кулата и подот на тремот, а завршено е и конструктивното зајакнување на североисточното минаре.
Паралелно со тоа продолжуваат активностите поврзани со конструктивното зајакнување и конзервацијата на мозаиците на главната купола.
За време на работите на куполата бил поставен привремен метален покрив, како и заштитен систем. Во внатрешноста на објектот е поставена специјална платформа преку која стручните екипи спроведуваат документација, чистење и конзервација на вредните мозаици.
Конструктивните анализи откриле и потреба од дополнително зајакнување на источната полукуполa. Во тој дел, освен интервенциите на потпорниот систем, предвидено е да започне и нова фаза на заштита и конзервација на мозаиците, насликаните декоративни елементи и мермерните површини.
Додека продолжуваат сложените реставраторски активности над земјата, турските власти паралелно работат и на подземниот систем, кој со документираните делови од околу девет километри отвора дополнително поглавје во историјата на еден од најпознатите историски објекти во Истанбул.







