Германските медиуми пренесуваат шокантна ситуација: американската армија им препорачала на своите војници стационирани во Германија да побараат помош од народни кујни и добротворни организации, поради доцнење на платите предизвикано од блокадата на буџетот во САД.
Во упатствата што накратко беа објавени на официјалната веб-страница на американскиот гарнизон во Баварија, стоело дека припадниците на армијата можат да побараат поддршка од организации како „Tafel“, која во Германија бесплатно дистрибуира храна на сиромашни граѓани.
Во документот се наведувале и совети за тоа каде да се купува поевтина храна — преку апликации што прикажуваат производи со рок пред истекување.
Во Баварија моментално се стционирани околу 37.000 американски војници и 11.000 цивилни вработени, а дел од нив веќе со недели не добиле плата. Германската влада дури интервенирала со заем од 43 милиони евра за исплата на германските државјани кои работат за американската војска.
Американската армија подоцна ги повлече упатствата, објаснувајќи дека биле „наменети само за цивилни работници“, но германскиот весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ пишува дека ситуацијата предизвикала сериозно вчудоневидување во јавноста и дека ова е првпат војници на САД во Европа да добијат препорака да бараат храна од народни кујни.
















