Рускиот опозициски лидер и поранешен олигарх Михаил Ходорковски испрати сериозно предупредување до Европа – дека светот влегува во нова, долготрајна конфронтација со Русија, без оглед на исходот на војната во Украина.
„Треба да се подготвиме за нова форма на Студена војна, која ќе трае најмалку една деценија“, изјави Ходорковски на приватен настан во Брисел.
Тој смета дека единствен начин да се спречи нова руска агресија е Путин да поверува дека Западот претставува вистинска воена закана, бидејќи санкциите и нападите со дронови нема да ја ослабат Москва на долг рок.
Поранешниот сопственик на компанијата „Јукос“ потсети дека времето за слабеење на режимот било во првите две години од инвазијата, но таа шанса, според него, е веќе пропуштена.
Во меѓувреме, против него е покрената нова истрага во Русија, каде властите го обвинуваат за „терористичка организација“. Ходорковски, кој живее во егзил, најавува дека еден ден ќе се врати во „постпутиновска Русија“, но предупредува дека ќе бидат потребни децении за земјата да се ослободи од милитаристичката идеологија.
„И покрај сè, не сум обесхрабрен. Верувам во иднината – и таа ми е исто толку реална колку и сегашноста“, заврши тој.
















