Германија доживеа вистински временски шок. По периодот на екстремни горештини, силни бури го зафатија дел од земјата, носејќи големи количини град, силни ветрови и нагло опаѓање на температурите.
Во некои региони сцените изгледаа како да пристигнала зимата среде лето. Во областа Хунсрик, пејзажот за кратко време се претворил во бела покривка, откако врнежите од град ги прекриле улиците и дворовите.
Најголемо изненадување имало во градот Хајмбах, во западниот дел на Германија, каде што паднал град со големина до четири сантиметри во дијаметар. На земјата се создал слој од насобран град висок дури 15 сантиметри, што оставило впечаток како да станува збор за снежна бура.
Уште поголем шок предизвикала промената на температурата. Во текот на бурата, температурите за многу кратко време се намалиле од жешки 36 степени Целзиусови на 19 степени.
Жителите на погодените места со неверување ги следеле необичните сцени. Еден мештанин од Хајмбах за германските медиуми изјавил дека градот се појавил ненадејно, а по топлото време луѓето одеднаш морале да расчистуваат големи количини мраз од своите дворови.
„Прво беше 36 степени, а потоа одеднаш стана пријатно. Сега имаме купишта мраз што треба да ги тргнеме“, раскажал жителот.
Невремето предизвикало проблеми и во сообраќајот. Силните ветрови урнале дрвја, а во близина на градот Швелм во Северна Рајна-Вестфалија, паднато дрво ја оштетило железничката контактна мрежа, поради што дел од возовите биле запрени.
Железничкиот сообраќај бил привремено прекинат и на делницата меѓу Дортмунд и Витен, додека екипите работеле на отстранување на последиците од невремето.
Германската метеоролошка служба (DWD) предупредува дека опасноста од нови силни бури ќе продолжи и во наредните денови. Во делови од земјата температурите повторно може да се приближат до 40 степени, а позначајно и постабилно заладување се очекува во среда и четврток.
Неочекуваниот пресврт уште еднаш покажа колку брзо може да се променат временските услови, особено во периоди со екстремни температурни разлики.







