ПРВ.мк
Балкан

(ВИДЕО) НОВ ПРЕСВРТ ВО КАТАСТРОФАЛНИОТ ПОЖАР КАЈ АТИНА: Сомнежи дека ветерници ја предизвикале огнената стихија, уапсен и градоначалник!

(ВИДЕО) НОВ ПРЕСВРТ ВО КАТАСТРОФАЛНИОТ ПОЖАР КАЈ АТИНА: Сомнежи дека ветерници ја предизвикале огнената стихија, уапсен и градоначалник!

Грчките власти истражуваат дали ветерен парк во близина на селото Агиос Василиос е причина за големиот шумски пожар што веќе четврти ден беснее во близина на Атина, а истрагата доведе и до апсење на повеќе лица.

Според информациите што ги објавија грчките медиуми, истражителите се сомневаат дека искри од надземниот далновод, кој ги поврзува петте ветерници со електроенергетската мрежа, го предизвикале пожарот што уништи повеќе од 10.000 хектари шума и ниска вегетација.

Во трагичниот пожар животот го загубија две лица, откако два противпожарни хеликоптери кои учествувале во гаснењето се судриле во воздух.

Во рамките на истрагата бил уапсен електроинженерот задолжен за далноводот, како и градоначалникот на Стилида, Јоанис Апостолу, чија градежна компанија ја изградила електричната мрежа што го поврзува ветерниот парк. Со обвиненија се соочува и сопственикот на ветерниот парк.

Истражителите проверуваат и дали истиот далновод бил причина за уште еден пожар што избувнал на 27 јуни, кратко по пуштањето во употреба на ветерниот парк. Тој пожар тогаш бил локализиран откако зафатил околу шест хектари површина.

Според тогашните проценки, до пожарот дошло поради краток спој предизвикан кога две електрични жици се допреле. По тој инцидент биле извршени поправки на далноводот, но никој не бил приведен.

Сегашната истрага покажува дека најновиот пожар избувнал на околу 150 метри од местото на претходниот. Се сомнева дека силниот ветер ги разнишал каблите, по што искри ја запалиле сувата вегетација под столбовите, која, според истрагата, не била расчистена.

Надлежните сметаат дека претходните санации не биле доволни за да се спречи нов инцидент, поради што огнената стихија повторно избувнала во истиот регион.

Според достапните информации, изградбата на ветерниот парк била завршена во јуни, кога објектот официјално бил приклучен на електроенергетската мрежа. Истрагата продолжува и треба да утврди дали токму техничките пропусти довеле до една од најголемите огнени катастрофи во Грција ова лето.

ВИДЕО