Британската Влада донесе одлука со која околу 5.000 затвореници во Англија и Велс ќе бидат предвремено ослободени во следните 10 месеци, во обид да се намали огромниот притисок врз затворскиот систем.
Програмата треба да започне од октомври, а според властите, мерката е неопходна поради недостигот на слободни места во затворите. Првичниот план предвидуваше ослободување на околу 6.000 лица уште од септември, но подоцна бил изменет.
По интервенција на британскиот премиер Енди Бернам, од списокот биле исклучени околу 1.000 осуденици за најтешки сексуални кривични дела, вклучително и силување и сексуална злоупотреба на деца.
Министерот за правда Алекс Норис изјави дека би сакал бројот на лица опфатени со мерката да биде уште помал, но предупреди дека без вакви промени затворскиот систем би можел да се соочи со сериозен колапс поради недоволниот капацитет.
Според новите правила, дел од осудениците за одредени сексуални и насилни дела сепак ќе можат да бидат ослободени откако ќе отслужат половина од казната, доколку во затворот немале сериозни дисциплински прекршоци.
Одлуката предизвика бурни реакции, особено кај семејствата на жртвите, кои изразија загриженост поради можноста дел од осудените порано да се најдат повторно на слобода.
Премиерот Бернам оцени дека проблемот е резултат на долгогодишно недоволно вложување во затворската инфраструктура. Тој посочи дека во периодот од 2010 до 2024 година не биле изградени доволно нови капацитети за да се следи растот на бројот на затвореници.
Властите најавуваат дека лицата кои ќе бидат предвремено пуштени нема целосно да бидат без надзор. За одредени категории ќе бидат воведени построги мерки, вклучително и електронско следење со GPS уреди за дел од сексуалните престапници.
Опозициските конзервативци ја критикуваа одлуката, оценувајќи дека таа не го решава проблемот долгорочно. Тие најавија дека доколку дојдат на власт ќе работат на зголемување на затворските капацитети, можност за користење затвори во странство и побрза депортација на странски државјани осудени за кривични дела.







