Неверојатен случај на измама е откриен во американската сојузна држава Флорида, каде 51-годишна жена наводно две години ги убедувала луѓето дека боледува од рак, собирајќи повеќе од 40.000 долари донации.
Марибет Елен Џонс од Бонита Спрингс била уапсена оваа недела и се соочува со обвинение за голема кражба.
Според канцеларијата на шерифот на округот Колиер, Џонс од 2022 до 2024 година создавала впечаток дека се бори со тешка болест. Во нејзината приказна поверувале повеќе од 200 луѓе, кои решиле финансиски да ѝ помогнат.
Парите ги добивала преку онлајн кампањи за собирање донации, но и во готовина и преку лични чекови.
Соседите дури ѝ ја избричиле главата
За приказната да изгледа што поуверливо, Џонс на луѓето околу себе им кажувала дека здравствената состојба ѝ се влошува и дека редовно оди на терапија.
Во еден момент приказната отишла толку далеку што нејзините соседи ѝ ја избричиле главата, верувајќи дека се подготвува за хемотерапија.
Но истрагата, според американските власти, покажала дека Џонс всушност немала дијагноза каква што им претставувала на луѓето.
Парите завршиле за лични долгови
Истражителите утврдиле и дека собраните донации не биле користени за лекување, туку, меѓу другото, за отплата на нејзини лични долгови.
Жената сега е обвинета за голема кражба во категоријата од 20.000 до 100.000 долари, а случајот предизвика големо внимание поради бројот на луѓе кои поверувале во нејзината приказна и ѝ донирале пари.






