Несекојдневен случај што потсетува на сцени од акционите филмови беше спречен од албанската гранична полиција на граничниот премин Муриќани, каде при рутинска контрола на возило бил откриен обид за нелегално криумчарење лице.
Според информациите од полицијата, уапсен е 26-годишен француски државјанин, идентификуван како Том Хак, кој се сомничи дека се обидел нелегално да пренесе тајландска државјанка надвор од Албанија. При деталниот преглед на автомобилот, полициските службеници на задното седиште пронашле куфер во кој се криела жената.
Првичните информации од истрагата укажуваат дека осомничениот имал намера да ја транспортира жената преку територијата на Црна Гора и Хрватска, со крајна дестинација Франција, при што планирал да ги избегне законските процедури за преминување на државните граници.
По откривањето на случајот, и францускиот државјанин и тајландската државјанка биле приведени, а надлежните органи веднаш започнале истражна постапка и прибирање на сите релевантни докази за случајот.
Полицијата продолжува да ги утврдува сите околности под кои бил организиран обидот за нелегално пренесување, како и дали овој случај е поврзан со поширока мрежа за организирано криумчарење луѓе што дејствува на меѓународно ниво.






