Несекојдневна спасувачка акција била спроведена на австриските Алпи, откако група од 36 планинари, меѓу кои и мали деца, се нашла во сериозни проблеми на надморска височина поголема од 2.300 метри.
Станувало збор за членови на три семејства кои спонтано одлучиле да пешачат во близина на Зелден, но според тиролската полиција, практично немале соодветна планинарска опрема. Во групата имало возрасни, тинејџери и неколку мали деца, дел од нив во колички, објави 4news.mk.
Планинарите во повеќе наврати се нашле на тежок и опасен терен, а на одредени места се оддалечиле и од обележаната патека. Кога сфатиле дека не можат безбедно да продолжат, двајца членови на групата повикале помош.
Во спасувањето биле ангажирани два хеликоптери. По воздушен пат биле извлечени 14 лица, од кои четворица со помош на витло, додека планинските спасувачи ги придружувале преостанатите 22 лица пеш до долината.
За среќа, во целата авантура никој не бил повреден.
Сепак, спасените најверојатно ќе почувствуваат сериозни финансиски последици. Од полицијата најавиле дека трошоците за спасувачката операција ќе им бидат наплатени.
Во групата имало државјани на Белгија, Велика Британија, САД и Австрија.










