ПРВ.мк
Свет

НЕОЧЕКУВАН ПОТЕГ: Наместо во затвор, осудениците ги праќаат на терапија!

НЕОЧЕКУВАН ПОТЕГ: Наместо во затвор, осудениците ги праќаат на терапија!

Италија воведува нов пристап кон издржувањето на затворските казни, откако парламентот усвои закон што на дел од осудениците зависни од дрога или алкохол ќе им овозможи наместо во затвор, казната да ја издржуваат во домашен притвор или во специјализирани терапевтски заедници. Со оваа мерка, властите се надеваат дека ќе придонесат и за лекување на зависностите, но и за намалување на пренатрупаноста во затворите.

Законот беше изгласан на 29 јули, а според новите правила, лекувањето ќе може да биде алтернативен начин за издржување на затворската казна. Сепак, ова не значи дека секој осуденик автоматски ќе добие ваква можност.

За да биде опфатено со мерката, лицето мора да има официјално потврдена зависност од дрога или алкохол, доброволно да прифати програма за рехабилитација и, со одредени исклучоци, да нема преостаната затворска казна подолга од осум години. Дополнително, секое барање ќе биде разгледувано поединечно, а конечната одлука ќе ја носат надлежните судски органи.

Законот доби поддршка во италијанскиот парламент со 153 гласа „за“, додека 42 пратеници гласаа против, а 82 беа воздржани.

Министерот за правда на Италија, Карло Нордио, изјави дека во наредните години оваа мерка би можела да опфати најмалку 10.000 осуденици. Сепак, нејзината примена ќе биде постепена, бидејќи средствата обезбедени за 2026 година во моментов се доволни за околу 500 лица.

Една од главните причини за воведувањето на ова законско решение е сериозната пренатрупаност во италијанските затвори. Во моментов во затворските установи престојуваат 64.645 лица, иако нивниот реален капацитет изнесува околу 46.242 места, што значи дека затворите работат со пополнетост од речиси 140 проценти.

Дополнителна загриженост предизвикува и состојбата со менталното здравје во затворите. Според официјалните податоци, од почетокот на годинава биле регистрирани 24 самоубиства меѓу затворениците, што дополнително ја отвори дебатата за потребата од реформи во затворскиот систем.

Со новиот закон, Италија не предвидува безусловно ослободување на осудениците, туку воведува модел во кој дел од лицата што се борат со зависност ќе ја издржуваат казната под строг надзор, преку контролирани програми за лекување и рехабилитација, наместо зад затворските ѕидини.