ПРВ.мк
Свет

Нема повеќе телефони за време на наставата: Нови правила за учениците

Нема повеќе телефони за време на наставата: Нови правила за учениците

Франција воведува построги правила за употребата на мобилни телефони во училиштата, со цел да се намалат дигиталните одвлекувања и учениците повеќе да се фокусираат на наставата.

Францускиот претседател Емануел Макрон најави проширување на ограничувањата за мобилните телефони и во средните училишта од учебната 2026 година.

Новата политика е продолжение на мерките што Франција ги применува од 2018 година, кога беа воведени ограничувања за користење мобилни телефони во основните училишта и кај дел од повозрасните ученици.

Макрон порача дека заштитата на младите од прекумерната изложеност на екрани не треба повеќе да се одложува. Намерата е училиштата да станат средина со помалку дигитални одвлекувања и повеќе простор за учење и непосредна комуникација меѓу учениците.

Францускиот министер за образование Едуар Жефри посочи дека начинот на спроведување ќе може да се приспособува во зависност од условите во конкретното училиште и локалните околности.

Средните училишта уште во јули добиле инструкции и прирачник за примена на новите правила, а мерката била усвоена од францускиот парламент кон крајот на истиот месец.

За целосна примена, училиштата треба да ги усогласат и своите внатрешни правилници, што подразбира консултации со ученичките претставници и училишните одбори. Поради летниот распуст, дел од нив не успеале да ја завршат процедурата пред почетокот на учебната година.

Целта на француските власти е учениците да поминуваат помалку време со мобилните уреди додека се на училиште, а вниманието да биде насочено кон наставата, дружењето и директната комуникација.