ПРВ.мк
Свет

Како на филм: Пијан 24-годишник украл авион, го бркале „Грипени“, па слетал во сончогледи

Како на филм: Пијан 24-годишник украл авион, го бркале „Грипени“, па слетал во сончогледи

Несекојдневен инцидент во Унгарија заврши со полициско апсење откако 24-годишен маж наводно украл мал авион, навлегол во забранетиот воздушен простор околу нуклеарната централа Пакс и предизвикал итно полетување на два воени ловци.

Сè започнало во раните утрински часови на приватен аеродром во Калоча. Според објавените информации, младиот човек влегол на пистата и се обидувал да стартува неколку летала, пред конечно да успее да влезе во „Цесна 172“.

Авионот бил обезбеден со јажиња, но наместо да ги отстрани, 24-годишникот наводно дал полн гас, ги искинал и полетал од сервисната патека, минувајќи покрај другите паркирани летала.

По полетувањето се упатил во правец на Пакс, каде навлегол во забранетиот воздушен простор над единствената нуклеарна централа во Унгарија.

Неидентификуваното летало било забележано од воените радари, по што од базата во Кечкемет биле кренати два борбени авиони „Грипен“ за негово пресретнување.

Летот, сепак, не траел долго. Украдената „Цесна“ завршила во нива со сончогледи кај селото Герјен, на околу 15 километри од нуклеарната централа.

По слетувањето, младиот човек го напуштил авионот и тргнал пеш кон блискиот пат. Таму го забележал возач кој застанал мислејќи дека му е потребна помош.

Но, според информациите од истрагата, 24-годишникот се обидел да му го одземе и автомобилот. Возачот успеал да го спречи и да го задржи до пристигнувањето на полицијата.

Осомничениот бил пренесен во болница на токсиколошки испитувања, а потоа бил приведен.

Унгарскиот РТЛ објави дека тој пред истражителите тврдел дека бил толку пијан што не се сеќава ниту на кражбата на авионот, ниту на самиот лет.

Обвинителството побара притвор поради сомнение за неовластено одземање превозно средство и загрозување на воздушниот сообраќај. Истражителите дополнително проверуваат дали, покрај алкохол, осомничениот консумирал и други опојни супстанции.