Тензиите меѓу САД и Иран повторно се зголемија по нов американски напад врз иранска територија, по кој од Техеран пристигна остро предупредување до администрацијата на Доналд Трамп.
Американските сили нападнале два ракетни лансери на иранскиот остров Ларак, во близина на стратешки важниот Ормуски теснец.
Според иранската Револуционерна гарда, во нападот загинале две лица, а уште две биле повредени. Овие податоци се соопштени од иранска страна.
Американската Централна команда, пак, операцијата ја опиша како „ограничена и прецизна“. Според американското образложение, цел биле сили кои се подготвувале за активности поврзани со поставување мини и претставувале непосредна закана во Ормускиот теснец.
По американската акција следувал ирански одговор. Техеран соопшти за напади насочени кон американски бази во Јордан, додека јорданската војска објави дека пресретнала осум ракети.
Иранските државни медиуми објавија и дека со беспилотни летала била нападната воздухопловната база Ал Минхад во Обединетите Арапски Емирати, каде што има американски сили. За овој напад засега нема независна потврда.
Портпаролот на Револуционерната гарда, Хосеин Мохеби, испрати остра порака до Вашингтон.
Тој американската акција ја нарече „стратешка и фатална грешка“ и предупреди дека САД би можеле да се соочат со воени и економски последици.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, пак, порача дека неговата земја не сака војна, но дека ќе одговори решително на секоја агресија.
Нападот на Ларак дополнително ги зголеми стравувањата од нова поширока ескалација во регионот, особено поради близината на Ормускиот теснец, една од клучните светски рути за транспорт на нафта и гас.







