Потресни сведоштва беа изнесени пред Основниот суд во Куманово, каде што продолжи судењето против Трајко Бојковски, обвинет за четири убиства и два обиди за убиство на жени.
На второто рочиште сведочеа Росанка Трајковска и Слободка Арсовска од селото Челопек, двете на возраст над 80 години. Тие пред судот се присетија на нападите што, според нивните искази, ги преживеале.
Трајковска, родена во 1939 година, сведочела дека обвинетиот околу еден час ја тепал и ја допирал по телото. Пред судот прашала зошто била нападната и зошто, како што тврди, обвинетиот се обидел да ја силува.
Арсовска, родена во 1943 година, раскажала дека го затекнала Бојковски во ходникот од нејзината куќа откако станала да оди во тоалет.
Според нејзиното сведоштво, тој не одговарал на прашањата што му ги поставувала, туку ја нападнал и почнал да ја дави.
Во тие моменти таа повикала по својот син. Како што раскажала пред судот, обвинетиот помислил дека нејзиниот син се наоѓа во куќата, по што ја пуштил и избегал. Арсовска рекла дека останала без воздух, изгубила свест и подоцна се разбудила на подот.
На рочиштето обвинетиот имал нов бранител по службена должност, адвокатот Тони Цветковски. Тој побарал пред судот да бидат повикани психијатрите и психолозите кои го изготвиле вештачењето за Бојковски.
Барањето следува по заклучокот на вештите лица дека кај обвинетиот постои висок ризик од повторување кривични дела. Одбраната побарала да се разгледа и можноста за изрекување мерка за безбедност доколку за тоа постојат законски услови.
Јавниот обвинител Владимир Лапе се спротивставил на дел од предлозите од процесни причини, но немал забелешки вештите лица да бидат сослушани.
Според Лапе, постојното вештачење е јасно во однос на пресметливоста на обвинетиот. Тој оценил и дека сведоштвата на двете жени суштински не отстапуваат од исказите што претходно ги дале во обвинителството.
На следното рочиште во септември треба да бидат сослушани тројцата вештаци, а предвидено е исказ да даде и обвинетиот.
Бојковски се товари за четири убиства и два обиди за убиство на жени. Според обвинителниот акт, делата биле извршени од побуди и ниски страсти. Судската постапка е во тек и за обвиненијата сè уште нема правосилна пресуда.






