Норвешката компанија Roadguard разви револуционерен безбедносен систем кој може автоматски да препознае возила со несоодветни или истрошени гуми, со цел да спречи сообраќајни несреќи и да ја зголеми безбедноста на патиштата.
Технологијата се базира на софистицирани скенери вградени во патната инфраструктура. Кога возилото ќе помине преку нив, тие ја анализираат длабочината на профилот на гумите и преку напредни компјутерски алгоритми утврдуваат дали гумите ги исполнуваат безбедносните стандарди.
Идејата за овој систем потекнала од економистите Вилхелм Станг и Јеспер фон Цвајгберг, кои по бројни извештаи за излетување на камиони поради неисправни гуми одлучиле да создадат практично решение. Развојот започнал во 2020 година, а клучна поддршка добиле од SINTEF, Норвешката фондација за индустриски и технички истражувања.
Пилот верзијата на Roadguard е поставена во 2024 година на граничниот премин меѓу Норвешка и Шведска, на патот Е6. Системот успешно функционирал и во зимски и во летни услови, а резултатите покажале дека може значително да ја намали веројатноста за несреќи. Дополнителна предност е што навремено открива опасни гуми, со што се намалуваат и трошоците за одржување на патиштата.
Норвешката управа за јавни патишта веќе склучила договор со Roadguard за поширока примена на оваа технологија низ целата земја.
Со оваа иновација, Норвешка испраќа јасна порака – иднината на патиштата е безбедна, а возењето со истрошени гуми станува минато.