Висок здравствен функционер изјави дека е „во паника“ поради епидемијата на ебола која се поврзува со 88 сомнителни смртни случаи, а која Светската здравствена организација (СЗО) ја прогласи за „вонредна здравствена состојба од меѓународно значење“.
Африканските центри за контрола и превенција на болести (Африка ЦДЦ) соопштија дека се регистрирани 336 сомнителни случаи на ебола, главно во Конго, но и два во Уганда. Генералниот директор на Африка ЦДЦ, д-р Жан Касеја, изјави за „Скај Њуз“ дека стапката на смртност кај овој сој на вирусот е повисока и дека за него не постои одобрена вакцина.
„Во моментов сум во паника бидејќи луѓе умираат. Немам лекови. Немам вакцина со која би можел да им помогнам на државите“, изјави тој.
Жариште во провинцијата Итури
СЗО соопшти дека во главниот град на Уганда, Кампала, во петокот и саботата биле лабораториски потврдени два случаи – од кои едниот со смртен исход – кај лица кои допатувале од Конго. Според СЗО, жариштето на епидемијата се наоѓа во оддалечената провинција Итури, во најмалку три здравствени зони, вклучувајќи ги Бунија, Рвампара и Монгбвалу.
Сепак, од СЗО појаснуваат дека епидемијата во моментов не ги исполнува критериумите за прогласување вонредна пандемиска состојба (како во случајот со ковид) и советуваа меѓународните граници да не се затвораат.
„Активно се шири низ заедницата“
Од друга страна, Африка ЦДЦ изразува сериозна загриженост поради ризикот од понатамошно ширење на болеста поради близината на погодените подрачја со соседните држави Уганда и Јужен Судан.
Агенцијата исто така предупреди на „активно ширење на заразата низ заедницата“, додека здравствените работници забрзано го засилуваат скринингот и следењето на контактите за да ја стават болеста под контрола, пренесува „Скај Њуз“.
Конго досега забележа 17 епидемии на ебола откако болеста за првпат беше идентификувана во таа земја во 1976 година. Една од најсмртоносните епидемии, која траеше во периодот 2018-2020 година во источниот дел на Конго, однесе повеќе од 2.000 животи.







