Прославата на шампионската титула на ФК Вардар, наместо во чисто спортско славење, се претвори во скандал по јавните навреди и деградирањето упатени кон националната музичка ѕвезда Каролина Гочева. По овој повод, со остра реакција се огласи и градоначалникот Митко Јанчев и долгогодишен спортски работник, кој порача дека ваквото однесување нема место во македонскиот спорт.
Тој упати честитки за успехот на теренот, но потенцираше дека големите победи носат и голема одговорност.
„Прослава со навреди, деградирање и нарушување на угледот на Каролина Гочева, наш национален уметник, е нешто што не смее да биде дел од спортската култура. Спортот треба да обединува, да инспирира и да биде пример за младите генерации. Ривалството е на терен, навивањето на трибини, а почитта мора да постои секаде!“, се вели во неговото јавно обраќање.
Во реакцијата се додава дека иако навивачката еуфорија по голем успех е разбирлива, сепак однесувањето на раководството на клубот мора да биде пример. Токму затоа, упатен е и директен апел до Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) итно да реагира и соодветно да го осуди овој чин.
„Да бидеме фер играчи. Да ги почитуваме луѓето кои нè претставуваат сите нас и да покажеме дека спортот и културата се наши заеднички вредности“, стои во официјалниот став на градоначалникот.









