Американската економија стагнира во првиот квартал — растот закочен поради увозот и падот на воената потрошувачка
Економската активност во САД стагнирала во првиот квартал од 2025 година, покажуваат најновите податоци на американското Министерство за трговија. Главни причини се зголемениот увоз и намалената државна потрошувачка за одбрана, иако компаниите вложувале повеќе во опрема, а извозот покажал знаци на закрепнување.
Во периодот јануари–март, активноста бележи минимален пад, „помал од 0,1%“ во однос на последниот квартал од 2024 година, кога растот бил 0,6%. На годишно ниво, економијата сепак е во пораст од 2%, но тоа е помалку од растот од 2,5% во последниот квартал од лани.
Според т.н. анулизирана стапка, која ја покажува годишната проекција на БДП базирана на трендот од еден квартал, економската активност е намалена за 0,3%. Тоа е остар контраст со растот од 2,4% во претходниот квартал.
Министерството појаснува дека зголемениот увоз — предизвикан од залихи направени во очекување на нови царини — и намалената владина потрошувачка, посебно за одбрана, го надминале позитивниот ефект од инвестициите во опрема и порастот на извозот.
Увозот е зголемен за рекордни 41,3%, додека воениот буџет паднал за 8%, по раст од 4,8% во претходниот период. Личната потрошувачка исто така ослабнала, со раст од само 1,8% во однос на 4% во претходниот квартал.
Позитивен сигнал доаѓа од компаниите — нивните вложувања во машини се зголемени за 22,2%, што е силно враќање по минус од 8,7% во четвртиот квартал. И извозот е во пораст од 1,8%, откако во претходниот квартал бележеше пад од 0,2%.