Страшен и бизарен случај ја вознемири јавноста во САД, откако маж од сојузната држава Пенсилванија е уапсен под сомнение дека со години систематски крадел човечки остатоци од гробишта.
Џонатан Герлах (34) бил фатен на лице место на гробиштата Маунт Морија, во предградието на Филаделфија, додека носел торба полна со човечки черепи и мумифицирани остатоци, вклучително и останки од деца, објави Sky News.
По апсењето, полицијата извршила претрес во неговиот дом и складишен простор, каде што биле пронајдени над 100 човечки черепи, долги коски, мумифицирани раце и стапала, како и распаѓачки тела и предмети направени од коски.
„Остатоците беа во различни состојби – некои висеа, некои беа внимателно составени, а дел од черепите беа изложени на полици“, изјави окружниот обвинител на округот Делавер, Танер Раус.
Истрагата започнала по серија пријави за провалувања и сквернавење на гробови на огромните гробишта Маунт Морија, кои зафаќаат површина од околу 160 хектари и содржат приближно 150.000 гробови. Според полицијата, Герлах намерно кршел камени плочи и провалувал во антички мавзолеи и подземни гробници за да стигне до останките.
Во текот на претресот бил пронајден и накит поврзан со гробовите, а во еден случај, на телесни остатоци сè уште бил прикачен пејсмејкер.
Осомничениот бил уапсен со лопатка во рацете, а според судските документи, признал дека украл најмалку 30 „комплети“ човечки останки. Властите веруваат дека реалниот број е значително поголем.
Мотивот за ова морбидно злосторство засега останува непознат.
Герлах се соочува со околу 300 обвиненија, меѓу кои кражба, примање украден имот, злоупотреба на труп, како и десетици обвиненија за сквернавење на јавен споменик и историско гробно место.
Градоначалникот на Једон, Рохан Хепкинс, потврди дека случајот бил откриен благодарение на непрофитна организација која се занимава со заштита и зачувување на гробиштата.
Случајот се смета за еден од најморбидните и најшокантните криминални инциденти од ваков тип во поновата американска историја.
















