Необичен случај го привлече вниманието во Салцбург, откако повеќе од 200 златни статуетки на Волфганг Амадеус Моцарт исчезнаа од изложба посветена на 270-годишнината од раѓањето на славниот композитор.
Фондацијата „Моцартеум“ на 15 јули поставила вкупно 320 статуетки, секоја висока околу 50 сантиметри. На нив Моцарт е прикажан заедно со своето куче, а автор на делата е германскиот концептуален уметник Отмар Херл.
Само две недели по отворањето биле исчезнати повеќе од 80 фигури, но бројката продолжила драматично да расте. Според последните информации, недостасуваат дури 210 од вкупно 320 статуетки.
Херл не верува дека станува збор за поединечни посетители кои ги земале фигурите како сувенири. Тој се сомнева дека зад масовното исчезнување стои организирана кражба.
Статуетките биле поставени во градината на поранешната куќа на Моцарт, во неговите некогашни живеалишта и во неколку павилјони низ Салцбург.
По завршувањето на изложбата, авторот планирал фигурите да ги продава по цена од околу 100 евра за парче. Според таа цена, исчезнатите 210 статуетки би имале вкупна вредност од околу 21.000 евра.
Организаторите однапред обезбедиле одреден број резервни фигури во случај на кражби, но никој не очекувал исчезнување од вакви размери. Дополнителен проблем е што производителот на статуетките бил на одмор, поради што не можеле веднаш да бидат изработени нови.
Изложбата треба да остане отворена до 30 август, но по исчезнувањето на две третини од фигурите, поставката сега изгледа значително попразно.








