ПРВ.мк
Свет

МИСТЕРИЈА СТАРА 74 ГОДИНИ ДОБИ НОВ ЕПИЛОГ: Пронајден е авионот на Пан Ам, кој исчезна со 69 патници и екипаж!

МИСТЕРИЈА СТАРА 74 ГОДИНИ ДОБИ НОВ ЕПИЛОГ: Пронајден е авионот на Пан Ам, кој исчезна со 69 патници и екипаж!

По цели 74 години, конечно е откриена локацијата на авионот на легендарната американска компанија „Пан Ам“ (Pan Am), кој исчезнал во трагична несреќа во 1952 година. Остатоците од леталото биле пронајдени длабоко под површината на океанот, во близина на Порторико.

Историското откритие било направено благодарение на заедничка експедиција на Фондот за воздухопловно/морско наследство, емисијата „Експедиција непозната“ на Discovery Channel и компанијата Deep Sea Vision, кои со модерна технологија успеале да ја лоцираат потонатата летачка машина.

Авионот „Clipper Endeavor“, модел Douglas DC-4, полетал од Сан Хуан кон Њујорк на 11 април 1952 година. Во него се наоѓале 64 патници и пет членови на екипажот.

Само неколку моменти по полетувањето се случила голема трагедија – двата десни мотори престанале да работат, по што авионот изгубил контрола и се урнал во водите на океанот.

Во несреќата животот го загубиле 52 лица, додека 17 патници успеале да преживеат, што ја направило оваа несреќа една од најзапаметените во историјата на авијацијата во тој период.

Остатоците од авионот биле откриени на длабочина од околу 600 метри со помош на автономно подводно дронче. Истражувачите забележале дека леталото е распарчено на два дела, но некои препознатливи детали сè уште се зачувани.

Особено значајно е што логото на крилото и името на авионот останале видливи, што помогнало со сигурност да се потврди дека станува збор токму за исчезнатиот „Clipper Endeavor“.

По откривањето, организациите кои работеа на експедицијата најавија дека ќе соработуваат со властите во Порторико за заштита на местото каде што се наоѓаат остатоците и за создавање спомен-обележје во чест на жртвите.

Тимовите веќе стапиле во контакт и со семејствата на загинатите, како и со двајцата преживеани од несреќата кои сè уште се живи.

Откритието по повеќе од седум децении не само што ја затвора една од најстарите авионски мистерии, туку претставува и последен спомен за луѓето чии животи биле изгубени во трагичниот лет над Карипското Море.