Страшна природна катастрофа го погоди Непал, каде што според најновите податоци најмалку 157 лица загинале, додека стотици сè уште се водат како исчезнати по разорните поплави и одрони.
Особено загрижувачка е состојбата со туристите. Непалските власти соопштиле дека 579 туристи се водат како исчезнати, од кои 466 се странски државјани. Голем дел од нив патувале кон познатата област Каилаш Мансаровар.
Размерите на катастрофата се огромни. Поројните води, калта и карпите уништувале куќи, возила, патишта и мостови, оставајќи цели подрачја отсечени од остатокот од земјата.
Само во округот Читван биле пронајдени 64 тела, додека жртви има и во Дадинг, Навалпараси Исток, Горка, Нувакот, Танахун и Расува. Во спасувачките операции се вклучени повеќе од 3.300 полицајци, а повредените се пренесуваат во болниците.
Што ја предизвикало катастрофата?
Првично се појавија информации дека непосредно пред поплавата бил регистриран земјотрес со магнитуда од 4,4 степени.
Сепак, според дополнителните анализи наведени во извештаите, регистрираниот сеизмички сигнал најверојатно бил последица на огромен одрон, а не класичен земјотрес.
Една од теориите е дека огромна количина мраз, карпи и друг материјал се урнала од планинското подрачје на тибетската страна и го блокирала текот на реката Лхенде.
На тој начин можела да се создаде природна брана зад која се акумулирала огромна количина вода. Нејзиното пробивање потоа можело да предизвика катастрофален поплавен бран кој со огромна сила се спуштил кон населените места.
Трагедијата ја погодила и тибетската страна од границата, каде што се потврдени најмалку три жртви, а 265 лица се водат како исчезнати.
Спасувачките екипи продолжуваат со потрагата, но уништените патишта, мостови и комуникациски врски сериозно го отежнуваат пристапот до погодените области.
Стравувањата се дека конечниот биланс би можел да биде уште потежок, бидејќи голем број луѓе сè уште не се пронајдени.







