Авион на „Американ ерлајнс“ бил принуден да се врати на аеродромот во Јужна Каролина веднаш по полетувањето, откако во текот на летот дошло до судир со јато птици, по што бил забележан пожар во еден од моторите.
Станува збор за „Боинг 737“ кој летал под број 1760 на релација кон Шарлот, Северна Каролина. Во авионот се наоѓале 181 лице.
Сериозноста на ситуацијата се слуша и во комуникацијата меѓу пилотот и контролата на летање. Во моментот кога било пријавено дека има проблем со моторот, пилотот итно испратил порака:
„Мејдеј, мејдеј, мејдеј. Имаме проблем со моторот.“
Радио-комуникацијата била објавена од LiveATC.net, а друг пилот кој го забележал настанот пријавил дека авионот најверојатно вшмукал птици во левиот мотор.
Во меѓувреме, еден од патниците успеал да го сними драматичниот момент. На видеото се гледа пламен кој излегува од моторот додека авионот се наоѓа над водата.
Сведокот Линдзи Мекеј, која во тој момент била на плажа, изјавила дека најпрво слушнала неколку силни удари. Набргу потоа забележала портокалов блесок кој доаѓал од пределот на левото крило.
По инцидентот, авионот не продолжил кон планираната дестинација. Тој кружел во воздухот за да се подготви за безбедно враќање, додека на аеродромот биле распоредени екипи на итните служби.
По слетувањето, на пистата биле пронајдени остатоци од птици. Тие биле собрани и испратени на анализа за да се утврди за кој вид станува збор.
Ваквите остатоци по судири меѓу авиони и птици во САД се познати како „снерги“. Тие се испраќаат во лабораторијата на Институтот „Смитсонијан“ во Вашингтон, каде што експертите го идентификуваат видот на птицата. Добиените информации потоа се користат за подобро следење на ваквите инциденти и за развивање мерки со кои би се намалил ризикот од нови судири.
Судирите со птици претставуваат сериозен предизвик за воздухопловството, особено при полетување и слетување, кога авионите се на мала височина и имаат ограничено време за реакција.
Колку често се случуваат вакви ситуации покажуваат и податоците на американската Федерална администрација за воздухопловство (FAA). Според нив, само во текот на 2025 година во САД биле регистрирани повеќе од 24.000 случаи на судири меѓу авиони и диви животни.
Иако овој инцидент предизвикал голема вознемиреност кај патниците и очевидците, авионот успеал безбедно да се врати на аеродромот, а надлежните продолжиле со проверките за да се утврдат сите околности околу дефектот.







