За 15-годишно девојче од Австрија неделата требаше да биде најсреќниот ден. Панорамскиот лет со мал авион бил подарок за нејзиниот роденден, но, за жал, патувањето заврши трагично. Две лица загинаа на лице место во авионската несреќа, додека девојчето преживеа и по падот успеа самостојно да излезе од остатоците на авионот.
Малиот авион „Пајпер ПА-28“ (Piper PA-28), во кој се наоѓале четири лица, се урна во неделата околу 11:40 часот по локално време во шумско подрачје во округот Шајбс кај Нојхаус.
Пилотот Михаел К. (47) и неговата врсничка Силвана Г., семејна пријателка, загинале на лице место, додека тинејџерката и нејзиниот 41-годишен роднина се здобиле со повреди и со хеликоптер биле пренесени во болница.
Вистинско чудо е што девојчето успеало само да се извлече од остатоците од авионот, пишува германскиот весник „Кронен цајтунг“ (Kronen Zeitung). Таа веќе следниот ден била отпуштена од болница, додека нејзиниот роднина сè уште се наоѓа на интензивна нега.
Моторот неколкупати губел сила
За време на разговорот со истражителите, девојчето раскажало дека непосредно пред падот, моторот на авионот неколкупати престанувал да работи. Со тоа ја потврди претпоставката дека авионската несреќа најверојатно била предизвикана од технички дефект.
Истражителите и понатаму сметаат дека причина за падот е отказ на моторот. Како што беше претходно објавено, пилотот непосредно пред несреќата преку радиоврска пријавил проблем со притисокот на маслото. Набрзо потоа, авионот се урнал во стрмното шумско подрачје на планината Очер.
Панорамскиот лет бил роденденски подарок кој 41-годишниот роднина ѝ го подарил на 15-годишната тинејџерка. Авионот во неделата полетал од аеродромот во Зајтенштетен, а остатоците од леталото биле извлечени истата вечер.





