ПРВ.мк
Свет

ЛЕДЕНИОТ УБИЕЦ НЕ МИРУВА: Се стравува од нов потоп во Непал, спасувачите во трка со времето - приоритет е да се најдат 900 исчезнати работници!

ЛЕДЕНИОТ УБИЕЦ НЕ МИРУВА: Се стравува од нов потоп во Непал, спасувачите во трка со времето - приоритет е да се најдат 900 исчезнати работници!

Експертите стравуваат дека глечерите кои предизвикаа катастрофални поплави во Непал и Кина и понатаму се во опасност од рушење, што би можело да предизвика нов бран поројни води, пишува „Дејли мејл“.

Бројот на загинати во поплавите се искачи на повеќе од 1.000 лица, додека спасувачките екипи се обидуваат да стигнат до заедниците кои останаа целосно отсечени по катастрофата што го погоди Непал на 26 август.

Кинеското Министерство за водни ресурси предупреди на „голем ризик“ од глечерите околу реката Цојиан, каде што еден глечер се урнал, исфрлајќи огромни количини карпи, мраз и вода во долините ширум Непал и Тибет. Иако нивото на водата во новоформираното езеро опаднало, нови свлечишта би можеле повторно да ја блокираат реката и да создадат нов опасен бран.

Приоритет — 900 исчезнати работници

Главниот приоритет за спасувачките тимови во моментов е да пронајдат најмалку 900 работници кои се водат како исчезнати од 12 хидроенергетски проекти оштетени од поројните поплави. Се верува дека околу 500 од нив се заглавени во внатрешноста на тунелите.

— Неможно е да се каже колку долго работниците ќе можат да преживеат бидејќи едноставно не ја знаеме состојбата во тунелите. Според нашите проценки, околу 300 работници се наоѓаат во шест до осум тунели. До еден тунел успеавме да стигнеме, но тој беше целосно исполнет со вода и кал. Кај друг, откако направивме отвор, ги повикувавме луѓето, но немаше одговор — изјави Кулман Ѓасинг, поранешен раководител на хидроенергетски проекти.

„За нас е секоја секунда важна“

Семејствата на исчезнатите сè уште се надеваат на чудо, истакнувајќи дека во дел од тунелите постојат системи за довод на кислород, но бараат итна реакција бидејќи секој изминат час е од клучно значење.

Пилотите од спасувачките хеликоптери сведочат за застрашувачките размери на уништувањето во пограничните градови, опишувајќи го теренот како целосно изменет пејзаж.

Ги погребуваат жртвите во плитки гробови

Стотици тела, од кои многу сè уште не се идентификувани, се погребуваат во плитки гробови поради брзото распаѓање предизвикано од влажното време. Бидејќи мртовечниците се преполни, пред погребувањето се земаат ДНК примероци за да можат семејствата подоцна да ги идентификуваат своите блиски.

Властите во Катманду веќе побараа меѓународна помош, истакнувајќи дека на Непал итно му се потребни повеќе од 1.000 разладни уреди за чување на телата.

Најнови вести