Сериозен безбедносен пропуст ја потресе словенечката полиција откако било откриено дека маж цели 18 месеци се претставувал како полицаец и учествувал во официјални полициски постапки на аеродромот „Брник“ кај Љубљана.
Според информациите на словенечкото Министерство за внатрешни работи, првото сознание дека маж се претставува како полицаец, користи полициски овластувања и носи оружје било евидентирано на 30 септември 2025 година. Информацијата била оценета како веродостојна, но поради нејзината чувствителност пристап до неа имал ограничен број полицајци.
Само неколку дена подоцна, на 9 октомври, пристигнала уште една информација за истиот човек, но тој бил откриен дури на 15 октомври. Полицајците го препознале на фотографии направени при несреќа на аеродромот, каде што учествувал во обезбедувањето на местото.
При неговото апсење бил облечен во облека која наликувала на полициска униформа. Кај него биле пронајдени фалсификувана службена полициска легитимација, гасен пиштол и бележник во кој детално ги запишувал своите активности.
Токму бележникот открил колку долго траела измамата. Според записите, од април 2024 до септември 2025 година тој учествувал во најмалку 16 официјални полициски постапки.
Мажот претходно работел како обезбедување на аеродромот, поради што добро ги познавал полицајците и начинот на кој функционирала нивната работа. Пред нив се претставувал како помошен полицаец.
Интересно е што двапати се обидел и официјално да стане полицаец – се пријавувал на конкурс за вработување и за полициско образование, но не бил примен.
Полициската опрема ја набавил преку интернет-порталот „Болха“. Иако таа се разликувала од опремата на вистинските полицајци, разликите очигледно не биле доволни за неговите „колеги“ да се посомневаат дека човекот со кој работат всушност воопшто не е полицаец.








