Украинската воена разузнавачка служба тврди дека Русија подготвува распоредување на 120 севернокорејски балистички ракети и шест лансери, кои би можеле да бидат искористени за нови напади врз Украина.
Според претставникот на украинската Главна разузнавачка дирекција, Андриј Черњак, Москва веќе започнала со распоредување на севернокорејска ракетна единица во западниот дел на Русија, како дел од продлабочената воена соработка меѓу Кремљ и Пјонгјанг.
Тој тврди дека Северна Кореја веќе испорачала 40 балистички ракети од типовите КН-23 и КН-24, како и персонал кој треба да биде вклучен во составот на руската 112-та ракетна бригада во регионот Воронеж. Според неговите информации, деталите за конечниот број ракети и нивното распоредување ќе бидат договорени на претстојни разговори меѓу двете земји.
Черњак наведува дека овие информации се совпаѓаат со неодамнешните лансирања на севернокорејски балистички ракети кон цели во Украина. Сепак, Ројтерс објави дека не можел независно да ги потврди овие тврдења, кои се базираат на украински разузнавачки информации.
Воени аналитичари предупредуваат дека евентуалното зголемување на бројот на балистички ракети би претставувало дополнителен предизвик за украинската противракетна одбрана, особено во пресрет на зимата, кога постои страв од нови напади врз енергетската инфраструктура.
Украинските власти тврдат дека Северна Кореја веќе е еден од главните воени партнери на Русија, испорачувајќи артилериска муниција, ракети и воен персонал, додека Москва и Пјонгјанг во 2024 година потпишаа договор за меѓусебна одбрана.








