ПРВ.мк
Свет

Климатолог со шокантно предупредување: „Ова е веројатно најстуденото лето во следните 300 години“

Климатолог со шокантно предупредување: „Ова е веројатно најстуденото лето во следните 300 години“

Европа во последниот период се соочува со екстремни горештини, поројни дождови и силни временски непогоди, а климатолозите предупредуваат дека ваквите појави би можеле сè почесто да стануваат дел од секојдневието.

Германскиот метеоролог и климатолог Андреас Јегер излезе со особено впечатливо предупредување, оценувајќи дека сегашното лето би можело да биде меѓу „најстудените“ што ќе ги искусиме во далечната иднина.

„Ова е веројатно најстуденото лето во следните 300 години“, порача Јегер.

Неговата изјава доаѓа по екстремните временски услови во австриски Тирол, каде по интензивниот топлотен бран следуваа поројни дождови и одрони од кал.

Според Јегер, температурните екстреми и силните бури не треба да се гледаат само како краткотрајни аномалии, туку како дел од пошироките климатски промени.

Тој посочува дека во текот на јуни биле регистрирани исклучително високи температури, а повеќе од половина од мерните станици, вклучително и оние во австриските Алпи, забележале рекордни вредности.

Климатологот предупредува и дека последиците не се ограничени само на високите температури. Водните ресурси и земјоделството се меѓу областите кои би можеле да бидат најсилно погодени.

Посебен проблем претставува намалувањето на снежната покривка во планинските региони. Снегот постепено се топи и придонесува за обновување на подземните води, додека при краткотрајни и интензивни врнежи голем дел од водата брзо истекува и почвата не успева да ја задржи.

Токму затоа, предупредува Јегер, можни се навидум спротивставени екстреми – силни поројни дождови и поплави во еден период, а долготрајни суши и недостиг од вода во друг.