Кина денеска воведе пристанишни такси за американските бродови како реципрочна мерка за планираните американски пристанишни такси за кинеските бродови, пред трговските разговори меѓу кинескиот лидер Си Џинпинг и американскиот претседател Доналд Трамп.
Бродовите во сопственост на САД, управувани од американски компании или поединци, како и оние изградени во САД и пловејќи под американско знаме, ќе плаќаат такса од 400 јуани (56 долари) по нето тон за секое пристигнување во кинеските пристаништа. Таксата ќе расте петкратно и до 2028 година ќе достигне 1.120 јуани (157 долари) по нето тон. Мерата стапува на сила на 14 октомври, истовремено со планираните американски такси за кинеските бродови.
Кинеското Министерство за транспорт соопшти дека таксите се „контрамерки“ против „погрешните“ практики на САД, кои „сериозно ќе наштетат на кинеската бродоградба“ и „сериозно ќе го нарушат“ меѓународниот економски и трговски поредок.
Вашингтон планира на бродовите во кинеска сопственост или управа да им наплаќа по 50 долари по нето тон во секое американско пристаниште, со зголемување за 30 долари по нето тон секоја година до 2028 година.
Исто така, Пекинг воведе нови ограничувања за извоз на ретки минерали, литиумски батерии и опрема за нивно производство.