ПРВ.мк
Свет

Кина ѝ испрати сериозна порака на ЕУ: „Ќе преземеме контрамерки“

Кина ѝ испрати сериозна порака на ЕУ: „Ќе преземеме контрамерки“

Кина упати силно предупредување до Европската Унија поради новиот Закон за индустриско забрзување (IAA), кој Брисел го претстави како стратегија за зајакнување на европското производство и намалување на зависноста од странски пазари.

Од кинеското Министерство за трговија порачаа дека, доколку ЕУ продолжи со примената на законот, Пекинг ќе биде принуден да преземе контрамерки за заштита на интересите на кинеските компании.

Законот, кој веќе е наречен „Произведено во Европа“, предвидува строги правила за јавна поддршка и инвестиции во стратешки сектори како електрични автомобили, чисти технологии, челик, алуминиум и цемент.

Според предлогот, електричните возила што добиваат европска поддршка ќе мора да бидат произведени во ЕУ, со најмалку 70 проценти европски компоненти. Воедно, се воведува и построг надзор за големи странски инвестиции во чувствителни индустрии.

Кина смета дека овие мерки директно ги таргетираат кинеските компании и претставуваат форма на институционална дискриминација. Пекинг предупредува дека ваквиот пристап може да ги наруши правилата на Светската трговска организација и дополнително да ги влоши односите меѓу двете економски сили.

Во исто време, ЕУ подготвува и нови царински мерки за мали пратки од странство, што дополнително ги погодува кинеските платформи како Shein и Temu.

Аналитичарите предупредуваат дека Европа и Кина влегуваат во чувствителен период на економски и трговски тензии, кој може да има последици за глобалните пазари и индустријата.