Германските безбедносни служби и обвинителството водат обемна истрага по сериозна сајбер-операција насочена кон високи политички и безбедносни кругови во земјата, при што биле компромитирани стотици профили на криптираната апликација Signal.
Според германски медиуми и западни безбедносни извори, нападот најверојатно е поврзан со руски државни структури, што дополнително ја засилува загриженоста за растечката хибридна закана во Европа.
Меѓу засегнатите се и неколку високи политички фигури, меѓу кои министерките Карин Приен и Верена Хуберц, како и претседателката на германскиот Бундестаг Јулија Клекнер. Вкупно се проценува дека околу 300 профили поврзани со германската политичка, воена и безбедносна сцена биле цел на нападот.
Методот што го користеле напаѓачите е класичен, но ефективен „фишинг“ – испраќање лажни пораки кои изгледале како официјални известувања од Signal. Корисниците биле наведувани да внесат PIN-кодови, да отвораат сомнителни линкови или да скенираат QR-кодови, со што напаѓачите добивале пристап до нивните приватни разговори, контакти и групни комуникации.
Германското федерално обвинителство веќе отворило прелиминарна истрага под сомнение за шпионажа, додека безбедносните служби предупредуваат дека нападите не се изолиран инцидент, туку дел од поширока и континуирана кампања која сè уште е активна.
Паралелно, американскиот ФБИ објави потерница и награда од 10 милиони долари за информации за рускиот сајбер-оперативец Владислав Боровков, за кого се тврди дека е поврзан со глобални сајбер-напади врз западни институции и критична инфраструктура. Според американските обвиненија, тој работел во рамки на единицата 29155 на руската воена разузнавачка служба ГРУ, структура која западните служби ја опишуваат како една од најактивните во области на шпионажа, саботажи и дестабилизациски операции.
Американските и европските безбедносни агенции предупредуваат дека Русија во последните години значително ги засилила хибридните операции, кои покрај сајбер-напади вклучуваат и дезинформациски кампањи, политичко влијание, саботажи и разузнавачки активности насочени кон слабеење на европските институции и зголемување на нестабилноста во регионот.








