ПРВ.мк
Свет

ХЕРОЈОТ КОЈ СО ПОСЛЕДНИ СИЛИ СПАСИ 174 ЖИВОТИ: Избоден и облеан во крв ја отвори вратата од кокпитот

ХЕРОЈОТ КОЈ СО ПОСЛЕДНИ СИЛИ СПАСИ 174 ЖИВОТИ: Избоден и облеан во крв ја отвори вратата од кокпитот

Индискиот пилот Смит Махчар, иако тешко повреден и облеан во крв, успеал со последни сили да ја отвори вратата од пилотската кабина и со тоа да им овозможи на патниците да влезат и да го совладаат копилотот кој го нападнал со нож.

Драмата се случила на лет на „Флајдубаи“ од Дубаи кон Тел Авив, со 174 патници во авионот. Според објавените информации, копилотот го нападнал капетанот со нож, по што авионот за помалку од половина минута нагло се спуштил за околу 4.300 метри.

И покрај сериозните повреди, Махчар успеал да ја отвори вратата од кокпитот. Меѓу патниците кои веднаш реагирале биле Израелецот Јанив Хајун, кој по професија е водоинсталатер, и стоматологот Шота Мусаев.

Хајун раскажал дека додека другите се обидувале да го совладаат напаѓачот, тој ги зграпчил командите и се обидел да го стабилизира авионот. Набргу потоа во кабината влегле и пилоти кои патувале како патници и не биле на должност, по што ја презеле контролата над леталото.

Стоматологот Мусаев, пак, му укажувал помош на тешко повредениот капетан, а потоа учествувал и во совладувањето и врзувањето на напаѓачот.

Авионот бил стабилизиран и принудно слетал во северозападниот дел на Саудиска Арабија. Повредениот капетан бил хоспитализиран и опериран, а според информациите што ги пренесуваат медиумите, неговата состојба е стабилна.

Индискиот премиер Нарендра Моди јавно го пофалил Махчар за неговата реакција, истакнувајќи дека и покрај сериозните повреди помогнал да се спасат стотици животи. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху исто така ја истакнал неговата улога во спречувањето на трагедијата.