Голем пожар избувна во средно училиште во Нант, Франција, во момент кога низ земјата траат протести и блокади организирани од средношколци.
Според француските медиуми, пламенот ја зафатил фасадата на средното училиште „Нелсон Мандела“, а на снимките од местото се гледа како огнот се шири по надворешниот дел од објектот. Заменичката директорка Гаел Кордие за АФП изјавила дека станува збор за подметнат пожар, без да прецизира кој го предизвикал.
Пожарот бил ставен под контрола, додека локалните претставници упатиле различни оценки за тоа кој стои зад инцидентот. Градскиот советник Вилијам Окан тврди дека во протестите се вмешале насилни лица однадвор, нагласувајќи дека учениците претходно протестирале мирно.
Немирите и блокадите не се ограничени само на Нант. Проблеми се регистрирани во повеќе образовни установи низ Франција, а пожари биле пријавени и кај средното училиште „Лимијер“ во Лион, како и во близина на училиштето „Марселин-Бертело“ во Пантен.
Во Пантен бил запален контејнер во близина на влезот на училиштето, додека француските власти продолжуваат да ја следат ситуацијата поради протестите и блокадите во повеќе градови.
Видео:






