Франција се соочи со масовни протести во саботата, при што во повеќе градови избувнаа инциденти и судири меѓу демонстрантите и полицијата. Според објавените информации, речиси 1.000 лица биле приведени, додека властите ангажирале околу 70.000 полицајци и жандарми за одржување на јавниот ред.

Според француското Министерство за внатрешни работи, на протестите учествувале околу 410.000 граѓани, додека синдикатот ЦГТ проценува дека бројката достигнала 800.000. Само во Париз, според полицијата, протестирале околу 110.000 луѓе, а синдикалните проценки зборуваат за 250.000 демонстранти.

Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез изјавил дека најголемиот дел од протестните собири поминале мирно, но дека одредени групи предизвикале нереди и се обиделе да извршат кривични дела.

Во Марсеј биле ограбени две златарници, додека во Ница биле приведени 61 лице. Во Тулон бројот на приведени достигнал 64, а во Каен биле приведени 16 демонстранти.
Во Клермон-Феран едно лице се здобило со тешка повреда на раката, додека во Тур избувнал пожар во банкарска филијала, со опасност огнот да се прошири кон соседните станбени објекти.
Во Монпелје, и покрај забраната за одржување на собирот, на улиците излегле околу 6.300 луѓе. Таму биле приведени осум лица, а двајца полицајци биле повредени.
Во Париз полицијата интервенирала за растерување на преостанатите демонстранти, а бил ангажиран и хеликоптер за следење на состојбата од воздух.
Француските власти предупредиле дека бројот на приведени може дополнително да се зголеми, додека надлежните служби продолжуваат да ги утврдуваат последиците од инцидентите.









